Семинар за ХАСАП систем во Куманово

18.09.2014 10:22 | KumanovoNews

Семинар за ХАСАП систем денеска се одржа во Куманово во организација на Агенција за храна и ветеринарство од Скопје.

Семинар за ХАСАП систем во Куманово

На семинарот присуствуваа педесетина угостители од Куманово. Тие добија водич за ХАСАП принципите со препораки за производство и безбедно пласирање на храна, изработен од агенцијата во соработка со Здружение на хотелиери на Македонија - ХОТАМ. Истовремено тие имаа можност да се пожалат за проблемите поврзани со спроведување на ХАСАП системот.

“Угостителите најчесто се жалат на административното водење на евиденција. Знаете, се ќе направат, само им е тешко да забележат. Целата работа во овој систем се сведува на тоа да кога ќе дојдеме да ја видиме евиденцијата наназад, дали се правело онака како што било планирано и тоа е фактички имплементирање на системот“ - вели Ленче Јовановска од Агенција за храна и ветеринарство.

Инспекторите за храна редовно вршат контроли за да спречат болести поврзани со храна. Угостителите велат дека вакви семинари и работилници треба да има почесто со цел да се информираат за новитетите во оваа сфера.

“Овие трибини се многу корисни за оние кои се занимаваат со угостителска дејност. Секој ресторан со ова ќе успее. Ако ги нема овие стандарди, храната не би била здрава, не би била корисна за луѓето како и за нас“- кажа Ивана Јовановска, вработена во угостителски објект.

Семинарот во Куманово е 15 - ти по ред организиран од Агенција за храна и ветеринарство, а утре слична обука ќе има во Скопје за вработените во градинките, училиштата и ученичките домови.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk