Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советот за етика во медиумите (СЕММ) апелира за целосна професионална одговорност во новинарството, промовирање партиципаторен политички процес и континуиран пристап на јавноста до релевантни и веродостојни информации.
„Медиумите не треба да дозволат да бидат манипулирани од страна на политичарите и другите актери во изборниот политички процес, бидејќи тоа значи директна штета врз јавноста и граѓаните на Република Македонија. Повеќе од кога и да е, постои потреба од урамнотежено и коректно известување со цел на јавноста да и’ се овозможи да го разбере и да учествува во политичкиот процес. Очекуваме од медиумите да не поттикнуваат разлики и поделеност меѓу луѓето, туку да бидат посредник и платформа за активен дијалог, а во тоа да се предводат од принципите на професионално известување,- соопштуваат од Советот за етика.
Од советот ги повикуваат медиумите доследно да ја почитуваат Повелбата за етичко известување за изборите, која е потпишана од најголем дел од медиумите во државата уште во февруари годинава, но која во пракса не беше доследно почитувана. Истото е нотирано и во овогодинешниот Извештај на Европската Комисија за напредокот на РМ, во кој, меѓу другото, силно се истакнува потребата од развивање култура на професионална етика во медиумите.
Од СЕММ уште еднаш потсетуваат и повикуваат на доследно почитување на принципите на Повелбата за етичко известување за изборите: вистинитост и објективност, избалансираност, јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите, чесност и независност, професионална солидарност меѓу медиумите, уредувачка независност и професионален интегритет, почит и толерантност, слобода и одговорност.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk