Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На 60 лица, главно млади луѓе од општините во североисточниот регион, вчера им беа врачени сертификатите за завршена обука за стручно усовршување преку проектот „Инклузија на млади од социјално ранливи категории на пазарот на трудот во североисточен плански регион“.
Проектот е финансиран од ЕУ од ИПА програмата – компонента четири за социјална инклузија, а го спроведуваат техничкото училиште „Наце Буѓони“ и Центарот за развој на североисточниот плански регион.
„Денес е завршната манифестација на додела на сертификати на учесниците кои посетуваа обуки во нашето училиште и кај работодавачите со кои имаме потпишано договори. Сигурни сме дека нашите учесници се здобија со знаења, вештини и компетенции за поголема инклузивност и вработливост на пазарот на трудот. Сакам да истакнам две успешни приказни од проектот. На крајот на обуката две лица се вработија во локална фирма за производство на мебел. Во оваа прилика сакам да ги охрабрам и поканам компаниите во градот и регионот да ни се придружат во нашата мисија на помош на младите лица изложени на ризик од социјална исклученост и им дадат можност за вработување. Со тоа ќе направиме еден ланец на меѓусебна зависност и подршка на локалните самоуправи од регионот, агенциите за вработување, компаниите, а секако со тоа најмногу ќе помогнеме на семејствата на нашите учесници„- изјави директорката на техничкото училиште „Наце Буѓони“ Лидија Михајловска.
Координаторот на проектот Денис Илиевски, вели дека младите поминале обука од машинската и електротехничката струка, а знењето што го стекнале на часовите во училиштето подоцна го усовршиле на практичната настава. Обуките ги споведувале стручни лица, професори од техничкото училиште, но и надворешни соработници кои се пријавиле на конкурсот.
„Проектот опфаќаше обуки за 60 луѓе на возраст од 18 до 35 години, кои се стекнаа со знаење за електроинсталации во станбени објекти и работа на машина со компјутерско управување. Истовремено имаше и обуки за кариерно, психо-социјално и обуки за вработување. Најголем интерес имаше за обуките за компјутерско управување со машини, односно цнц машини,- изјави Илиевски.
За посета на курсот имало голем интерес од различна возраст и етнички состав. Обуката ја завршиле 35 Македонци и 25 Албанци, машки и женски, млади лица кои сакаат со својата наобразба да бидат конкурентни на пазарот на трудот.
„Се усовршив за работа на компјутерски управувани машини и научив многу нови работи. Имам завршено гимназија и немам работно искуство затоа го одбрав ова занимање и се надевам дека набрзо ќе најдам работа , бидејќи цнц машините се доста актуелни во дрвната индустрија. Истовремно на обуките научивме и како сами да отвориме свој бизнис, - изјави Милена Ристевски од Кратово.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk