Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На зградите на 4 училишта во Куманово се поставени фотоволтаични централи, а 2 од нив веќе се ставени во функција. Најдоцна до почетокот на февруари се очекува да заврши инсталирањето на овие обновливи извори на енергија на уште две училишта.
Од почетокот на енергетската криза општината вложи средства во инсталирање на фотоволтаични централи на училишните згради во основните училишта „Браќа Рибар“ с.Табановце, „Вера Которка“ с.Клечовце и „Кирил и Методиј“ с.Романовце и средните училишта „Перо Наков“, „Гоце Делчев“ и „Наце Буѓони“ во градското подрачје.
Според пресметките на фирмите што ги инсталираат централите и на познавачите на електро-енергетиката се смета дека остварената заштеда на електрична енергија ќе изнесува некаде околу 30%.
„Во функција се централите на училиштата во селата Клечовце и Романовце од каде ги очекуваме првичните повратни информации за придобивките од инсталирањето на овој систем, но се смета дека ќе се оствари заштеда од околу 30% на електрична енергија. На покривот на училиштето во с.Табановце и на СОУ Перо Наков,пак,целосно е завршено инсталирањето и наскоро централите треба да започнат со работа, додека на зградата на ОСТУ Наце Буѓони се привршува со монтирањето и се очекува до крајот на месецот и оваа централа да се приклучи на електродистрибутивната мрежа. Зградата на гимназијата е последната засега каде е планирано инсталирање на фотоволтаици. Опремата е доставена, но се уште не е монтирана“, објаснуваат од Општина Куманово.
Во училиштето во село Табановце се чека извештај за користење на фотоволтаиците, информации за стартување и за планирана заштеда, а централата на СОУ Перо Наков е поврзана со wi-fi мрежа и се чека компанијата која го има извршено инсталирањето да даде објаснување како ќе функционира овој процес и како да се следи производството на електрична енергија.
Останатите општински и средни училишта засега немаат почнато постапка за инсталирање на фотоволтаични централи.
Поставување на фотоволтаични панели може да се изведе на сите објекти од јавен карактер доколку ги исполнуваат условите, односно доколку има подготвен елаборат за поставување и добиена дозвола. Средствата можат да се обезбедат преку Министерство за образование и наука, МТСП, странски донатори, Светска банка, ИПА фондови, Општина Куманово, ИПАРД програмата.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk