Шеталиштето кај Скопски дуќани без осветлување

04.02.2015 09:29 | KumanovoNews

 Жителите и трговците кај т.н. Скопските дуќани, се жалат дека немаат улично осветлување.

Шеталиштето кај Скопски дуќани без осветлување

Граѓаните велат дека навечер е ќор темнина, бидејќи сијалиците на канделабрите на шеталиштето не работат, па мала светлина доаѓа само од светилките од спротивната страна на улицата. Досега повеќепати реагирале до надлежните и барале проблемот да се реши, но безуспешно.

“Ние работиме до 20 часот, но има продавачи кои работат до полноќ. Просторот е осветлен само од излозите на продавниците, а улично осветлување нема. Срамота е, се работи за централното градско подрачје, - вели една од продавачките.

Од јавното претпријатије “Куманово - паркинг“ велат дека досега немаат добиено пријава од граѓани, за дефект со осветлување кај Скопски дуќани.

“Ние работиме по добиени пријави, бидејќи не можеме да знаеме каква е состојбата со осветлувањето во секоја уличка. Кај нас граѓаните треба да пријават и во рок од 48 часа, излегуваме на терен за да го отстраниме дефектот“ - вели Фадиљ Шабани, директор на “Куманово - паркинг“.

Шабани вели дека приоритетни се дефектите кои настанале од невремето, но се трудат за сите пријави да реагираат што е можно поскоро.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk