Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Маските на учениците од техничкото училиште „Наце Буѓони“, основното училиште „Кочо Рацин“ и градинката Славејче, се победници со групни маски на годинешниов маскенбал „Батко Ѓорѓија“.
Одлуката ја донесе тричленото стручно жири составена од историчари на уметност и уметници, во конкуренција на 45 групни и десетина индивидуални маски, кои ги претставија над 2000 ученици од сите училишта во градот.
„Ние како организатори задоволни сме од годинешниот маскенбал и бројот на учесници. Наградите отидоа во вистински раце, наградени се најдобрите. Годинава во ревијалниот дел настапија гостите од Струмичкиот карневал“,- изјави Цоки Ристовски, раководителот на секторот за култура во Општина Куманово.
Во конкуренција на средните училишта победи маската “Симбол на мирот„ од „Наце Буѓони“, втори беа „Шах-мат“ од гимназијата „Гоце Делчев“ и трети „Гаврани“ од „Киро Бурназ“.
„Во нашата маска „Симбол на мирот“ учествуваат над 20 ученици. Имаме специјална точка и настап пред жирито, кога од кафезот ќе ги пуштиме гулабите на мирот. Пораката што ја упатуваме е да има мир во државата и да не се повторат минатогодишните настани во нашиот град“, - рекоа учениците.
„Маската е според поемата на Едгар Алан По „Гарванот“. Учествуваат 25 ученика. Ја знаете поентата на поемата гавраните се тука да му пренесат една тажна вест. Со игра ја претставуваат тагата и болката негова што не може повеќе да ја види саканата. Маската е рачна изработка, децата сами се шминкаа и сами ја работеа. Вклучени се ученици од сите струки и секој даде максимум „- вели професорката Сузана Стошиќ од „Киро Бурназ“.
Од основните училишта, најдобра беше маската „Морски свет“ од Кочо Рацин, втори се „Пролетна ливада“ од „11 Октомври“ и трети учениците од „Вук Караџиќ“ со маската „Снешко„.
Од најмладите учесници од градинките најдобра беше маската: „Журка во бара„ - Славејче, потоа „Мали Јапонци“- од клонот „Буба Мара„ и трети „Весели печурки“ од „Пчелка„.
Кај индивидуалните маски прво место освои „Паун“ од Вук Караџиќ, второ „Американецот Сем“ и трета беше „Индијанка“ од „Магдалена Антова“.
Манифестацијата ја отвори градоначалникот Зоран Дамјановски, кој истакна дека со овој маскенбал, Куманово полека се етаблира во мрежата карневалски градови.
„Преземаме напори во иднина да влеземе во Европската асоцијацијата на мрежата карневалски градови„,- рече Дамјановски.
Учениците маскирани во најразлични маски, пред се ликовите од детската фантазија, прошетаа во централното градско подрачје, по што дефилето заврши на градскиот плоштад.
Во ревијалниот дел на манифестацијата настапија гости од карневалот во Струмица и маската „Сонце и дожд“ од средните училишта од Куманово што учествуваше на Струмичкиот фестивал.
Идеја на организаторот е за наредната година да бидат поканети гости од околните градови и соседните држави, за да се збогати манифестацијата.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk