Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
И во кумановско-липковскиот регион се регистрирани животни заболени од болеста “син јазик“.
Болеста се појавила во стада во три села во општините Куманово, Старо Нагоричане и Липково.
“Жаришта на болеста “син јазик“, од минатата недела евидентирани се и во кумановскиот регион. Лабораториски е утврдено присуството на вирусот кај заболени животни во населените места Аљинце, Гошинце и во Живиње“ - изјави Велика Атанасова од одделение за односи со јавност во Агенција за храна и ветеринарство.
Се препорачува болните животни да се чуваат одвоено, да им се дава вода и мека храна, да не се изложуваат на напор и да не бидат во контакт со инсекти.
„Самото име на болеста кажува “син јазик“. На болните животни им помодрува јазикот, им се јавуваат рани во устата, не можат да јадат, има солзење и симптомите сопственикот на добитокот лесно ќе ги забележи. Почесто треба да се прави дезинфекција и дезинсекција за заштита“ - вели Димитар Венев, ветеринар.
“Син јазик“ е вирусно заболување од кое заболуваат домашните животни и дивите преживари од инсекти комарци. Болеста не се пренесува од животно на животно, туку преку вектори кои се најактивни во врнежливите периоди од годината.
Според податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство, на територијата на Република Македонија, евидентирани се 643 жаришта на болеста “син јазик“ во 39 општини, односно во 234 населени места. Регистрирани се вкупно 7.736 болни и 1.698 угинати животни.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk