Систем капка по капка од УСАИД во Лопате

28.05.2015 12:24 | KumanovoNews

Фармерот Мендуљ Фетаи од село Лопате доби систем капка по капка , преку проектот за експанзија на мали бизниси на УСАИД и кофинансиран од Владата на Швајцарија.

Систем капка по капка од УСАИД во Лопате

Со помош на овој систем, Фетаи ќе обезбеди поголеми приноси на пченка за прехрана на педесетина крави, 150 овци и мал број кози кои ги одгледува во Лопате. Американскиот амбасадор Џес Бејли истакна дека проектот почна пред две години и донесе бенефит за фармерите.

“Ова им покажа на фармерите, дека може да има зголемување на приносите за 3 до 4 пати. Фармерите гледаат дека сето ова функционира. Гледаат дека нивниот бизнис може да се подобри. Ова може да служи како доказ на кредиторите дека фармерите можат да користат кредити. Ќе има вистинско влијание во развој на руралната Македонија. Ние како САД сме среќни што можеме да помогнеме во еден дел од економијата и во одредени делови на Република Македонија“ - вели Бејли.

Министерот за земјоделство, Михаил Цветков вели дека за развој на земјоделството се потребни средства, вложувања, но и знаење. Додава дека овој проект се инсталира пошироко низ Македонија, и со напредни технологии земјоделците ќе бидат конкурентни.

“Сточната храна која сега ја увезуваме од соседните земји, ние сами ќе ја произведуваме. Тоа е и целта и поентата на проектот, а на Министерството за земјоделство конечно да почнеме така да ги организираме земјоделците, за да можат сами да произведуваат храна и барем потребите за храна на Македонија да ги задоволиме. Секако дека имаме предиспозиции, климатски услови за да извезуваме“- изјави Цветков.

Фармерот Фетаи кажа дека сади до 15 хектари пченка секоја година на сопствено земјиште. Обработува триесет хектари земја, на кои се засадени различни култури.

“Работам со деца, работници. Садиме бостан, луцерка, ливади имам, пченица. Очекувам со оваа донација да имам поголем квалитет, повеќе приноси. Храната ја користам за стока, хранам крави, овци, кози, бикови“ - рече Фетаи.

Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски се заблагодари на УСАИД што вложуваат во развојот на земјоделството преку вакви проекти.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk