Службен весник со нова мобилна апликација за брзо пребарување на прописите

20.11.2019 10:49 | KumanovoNews

Јавното претпријатие Службен весник на Република Северна Македонија, воведе нова алатка за брзо и лесно пребарување на прописите во РСМ.

Службен весник со нова мобилна апликација за брзо пребарување на прописите

Тоа е мобилната апликација на електронската база на прописи со редакциски пречистени текстови на закони.    

Мобилната верзија ќе овозможи пребарување на прописите по: клучни зборови, предметен регистар, доносител и тип на пропис, поставување на нотификации за сите промени во правната регулатива, како и по пребарување на консолидирани текстови на сите закони на кои им се направени измени и дополнувања.

„Со нашето секојдневно мошне динамично работење, настојуваме да сме над стереотипите, да ги следиме потребите, како на институциите и бизнис-секторот, така и на граѓаните, и тоа постојано, во рамките на нашето мото: „Квалитет, безбедност, навременост и точност“, изјави директорот на Службен весник, Мартин Костовски.

Промотивниот период во првите три месеци од инсталирањето на мобилната апликација е во тек и сите заинтересирани можат да го искористат за запознавање со услугата, која регуларно ќе чини 4.500 денари за период од 12 месеци.

„Оваа услуга ја гледаме како особено интересна и полезна за инспекциските служби или за новинарите, односно за сите оние кои се често на терен и во секое време сакаат и треба навреме да добиваат информации за нашето законодавство и движењата во неа“,- додаде  Костовски.

Тој најави дека наскоро се очекува и електронското издание на службеното гласило да добие официјална верзија, односно, како што е и печатеното издание, и ова да биде правнообврзувачко, што веќе одамна е европска практика.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk