☰

Сметот од Куманово се носи на депониите во Ранковце и Кратово поради блокадата на „Краста“

07.10.2026 15:50 | Сузана Николиќ

Сметот што го собира ЈП „Чистота и зеленило“ од Куманово се носи на депониите во соседните општини Кратово и Ранковце, откако од вчера жителите на селата Пчиња и Студена Бара ја блокираа депонијата „Краста“.

Сметот од Куманово се носи на депониите во Ранковце и Кратово поради блокадата на „Краста“

Според директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, досега се изнесени околу 45 тони смет, главно од градското подрачје.

„Кумановската јавност знае дека од вчера депонијата „Краста“ е блокирана за нашите камиони за смет. Блокирано ни е изнесувањето, транспортирањето и депонирањето на сметот што го собираме од градот Куманово. Имаме сериозен и голем проблем. Мора да се снаоѓаме и се трудиме да го решиме проблемот што поскоро. Наидовме на разбирање од соседните општини Кратово и Ранковце и во текот на вчерашниот и денешниот ден нашите камиони однесоа околу 45 тони отпад. Се обидуваме да не се почувствува дека имаме проблем“, изјави директорот Томиќ.

Во текот на вчерашниот ден се собирал смет само од поширокото градско подрачје, од корпите и контејнерите.

Директорот ги повика граѓаните на разбирање, бидејќи претпријатието бара алтернативни решенија за проблемот и очекува дека состојбата со депонијата брзо ќе се надмине.

Тој потсети дека сите големи депонии во земјата се соочуваат со истиот проблем со палењето и чадот и дека проблемот целосно ќе се реши со изградбата на регионалните депонии.

Advertisement

2008 - 2026 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk