Со култиватори фрлаат ѓубре пред нашите куќа, се жалат жителите на „Перо Чичо“

17.07.2019 08:10 | KumanovoNews

Жителите од населбата „Перо Чичо“, се жалат дека несовесни граѓани од другите населби, создаваат дива депонија во непосредна близина на нивните куќи.

Со култиватори фрлаат ѓубре пред нашите куќа, се жалат жителите на „Перо Чичо“

„Сакам да се запознае целата општина она што се случува на 15 метри од нашите куќи. Тоа го прават сопствениците на култиватори кои наплаќаат по 200 денари да го соберат отпадот од некоја куќа и потоа го исфрлаат пред нашите дворови. Оваа појава се повторува секој 2-3 ден, а трае со години и немаме начин да ја спречиме. Повеќепати пријавуваме и во инспекција, ама без резултати“, - вели М.Т., кој ни ја испрати фотографијата.

Тој додава дека сметот од нивните домаќинства редовно го изнесува ЈП „Чистота и зеленило“, и околината била чиста се додека луѓето со култиватори не се научиле тука да го носат ѓубрето.

Од инспекциската служба во Општина Куманово велат дека досега немаат добиено пријава за овој случај и апелираат до граѓаните да ги фотографираат култиваторите додека исфлаат смет, за да преку полицијата ги идентификуваат и ги санкционираат.

„Поради неекипираност ние не можеме 24 часа да бидеме на терен и затоа ни е потребна помош и од граѓаните. Фотографијата со несовесните граѓани, а не само од депонијата, можат да ни ја испратат на мејлот:[email protected]., по што ние ќе си постапиме согласно нашите законски овластувања“,- велат од одделенито за инспекциски надзор.

 Од таму додаваат дека за регистрианите возила не се надлежни инспекциските служби, туку друга институција која треба да го регулира нивното движење по улиците.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk