Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ликовно работилница за ученици од основните училишта во Куманово денеска организираше Отсекот за превенција при СВР Куманово и Општински совет за превенција од детско престапништво на платото пред Центарот за култура, а по повод Денот на пролетта - 21 Март.
Учествуваа ученици од општинските основни училишта „Крсте Мисирков“, „Браќа Миладиновци“, „Кочо Рацин“, „Вук Карџиќ“, „Толи Зордумис“, „11 Октомври“,„Бајрам Шабани“ и „Наим Фрашери“ и „Вера Которка“ од с. Клечовце .
„Имаме по едно дете- претставник од основните училишта во Куманово. Ќе цртаат како тие го замислуваат доаѓањето на пролетта – цвеќиња, кокичиња, качунки, птици и замислата да ја пренесат во ликовни дела. Ќе сликаат со темперни бои, а помош ќе им пружат и ќе ги оценуваат нашите присутни гости, врвни уметници Синиша Кашавелски, Гоце Божурски и Зоран Јакимовски“, истакна Лила Младеновска, претседателката на Општинскиот совет за превенција на детско престапништво.
Наградени се Евгенија Атанасовска од „Браќа Миладиновци“, Герта Хабиби од „Бајрам Шабани“ и Марта Доцевска од „Кочо Рацин“, како ученици кои успеале да создадат највпечатливи ликовни дела. Наградата се состои од прибор за цртање, блокови, боици, темперни бои и други помошни материјали, се она што е потребно за уметничко изразување на наградените. Останатите учесници добија благодарници и признанија за вложениот труд и присуство на ова работилница.
Поддршка на овој настан со свое присуство дадоа и вработените во Центарот за култура, Фондацијата за култура и спорт и останати просветни работници од градот.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk