Со максимална институционална и лична одговорност ќе се справиме со корона вирусот, рече премиерот Спасовски

14.03.2020 13:26 | KumanovoNews

 Со максимална институционална и лична одговорност и организираност ќе ја надминеме оваа состојба и ќе се справиме со корона вирусот ефикасно и успешно, истакна претседателот на Владата Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција на која информираше за состојбата во општините Дебар и Центар Жупа по воведувањето на мерката кризна состојба во тој регион.

Со максимална институционална и лична одговорност ќе се справиме со корона вирусот, рече премиерот Спасовски

 Првата ноќ во овие две општини поминала мирно без никакви инциденти или движење на населението.

Тој нагласи дека за справување со ситуацијата со ширењето на коронавирусот, најважно е сите граѓани да се придржуваат до препораките и мерките за заштита и спречување на ширењето на вирусот.

- Следете ги редовно информациите и тоа само од официјалните канали за комуникација и од овластените и стручни лица на Министерството за здравство, на Центарот за управување со кризи, на вашите општини и на Владата. Ве уверувам дека имаме добро поставен систем кој може да се справи со оваа ситуација. Ве уверувам дека го покренавме тој систем на време и со сите капацитети согласно како се развиваше ситуацијата. Ги поставивме работите на највисоко и најодговорно институционално рамниште, и такви ќе останат во секоја наредна фаза. За да се постигне тоа, неопходно е целосна посветеност и најодговорно однесување на секој поединец во институциите и на сите граѓани, - рече Спасовски.

Тој потсети дека сега не е време на евтини политички профити и прибирање поени од загриженоста на нашите граѓани.

- Ова се ситуации кога е повеќе од потребно да го дадеме својот максимален личен придонес придржувајќи се кон препораките, почитувајќи ги насоките на институциите, поддржувајќи го системот кој е креиран од граѓаните од државата да ни служи на сите нас како граѓани.  Сега е време да покажеме дека сме организирано општество. Општество кое има институционален одговор за оваа ситуација. Со постигнување на степен на најодговорно однесување на сите граѓани, на секој посебно и сите заедно, со неопходното ниво на максимална лична одговорност, организираност и дисциплинираност ќе ја надминеме оваа состојба ефикасно, успешно и за пократко време, - кажа премиерот.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk