Со нова регулатива ќе се зголемува безбедноста на Интернетот

13.02.2019 09:59 | KumanovoNews

 Министерството за информатичко општество и администрација подготвува Закон за безбедност на мрежи и информациски системи.

Со нова регулатива ќе се зголемува безбедноста на Интернетот

Во образложението објавено на Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР) се вели дека мрежата и информациските системи, а пред сè интернетот, играат суштинска улога во олеснувањето на прекуграничното движење на стоки, услуги и луѓе, пренесува МЕТА.мк.

 „Поради таа транснационална природа, значителни нарушувања на овие системи, без разлика дали се намерни или ненамерни и без оглед каде се случуваат, може да влијаат и врз Македонија. Затоа, безбедноста на мрежните и информациските системи е од суштинско значење за непречено функционирање на внатрешниот пазар. Имајќи предвид дека во  Македонија отсуствува правна регулатива во оваа област, се наметна потребата за изготвување на овој закон. Дополнително, со истиот се транспонира Директивата (ЕУ) 2016/1148 на Европскиот парламент и на Советот од 6 јули 2016 година во однос на мерки за висок општ степен на безбедност на мрежа и информациски системи низ Унијата, односно НИС Директивата“, пишува во образложението.

Како главна цел на предлог-законот се наведува ефикасно справување со предизвиците на безбедноста на мрежите и информациските системи во Република Македонија, во смисла на заеднички минимални капацитети за градење и планирање, размена на информации, соработка и заеднички безбедносни барања од областа на ИКТ.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk