Со затворениот базен ќе стопанисува „Чистота„

12.10.2016 12:21 | KumanovoNews

   Со Градскиот затворен базен ќе стопанисува „Чистота„.

Со затворениот базен ќе стопанисува „Чистота„

  Одлуката Општина Куманово да го даде на користење и одржување новиот базенот на јавното претпријатие „Чистота и зеленило„ беше донесена на денешната седница на Совет со подршка на советниците од власта, иако опозицијата се противеше на ваквиот предлог.

  Советникот Саша Николиќ од ДПСМ смета дека јавно претпријатие задолжено за одржување на хигиената во градот не може да управува со спортски објект, бидејќи нема стручен кадар. Според него искуствата од другите градови покажале дека за таа работа се задолжени посебни претпријатија или се во состав на ЈП „Водовод„.

 „Јас мислам дека не случајно изборот падна на ова претпријатие затоа што директорот е претседател на Општинскиот сојуз на спортови и се ќе биде под негова контрола, -истакна Николиќ.

Градоначалникот Зоран Дамјановски се правдаше дека постоеле законски пречки базенот да го дадат на користење на „Водовод„, а дека другите јавни претпријатија биле во понеповолна финансиска состојба.

  „Ако формираме ново претпријатие состојбата ќе биде уште посложена бидејќи ќе треба нови вработувања.  Ни директорот не беше многу одушевен од одлуката, но во овој момент ќе го искористиме потенцијалот на ова претпријатие, а кога ќе се создадат услови таа може да се смени, - изјави Дамјановски.

„Чистота“ новиот базен ќе го користи без надомест, а општината преку училишниот спорт планира да префрла околу 200.000 евра годишно за негово функционирање.Советниците  реагираа и зошто не е потпишан договор под кои услови ќе се стопанисува со базенот и кои се правата и обврските на „Чистота„.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk