Сообраќајот се одвива во зимски услови - улиците и патиштата делумно проодни

14.02.2021 11:25 | KumanovoNews

Екипи на фирмата задолжена за зимско одржување на улиците и патиштата се на терен и работа на расчистување на снегот, информираа надлежните од Општина Куманово.

Сообраќајот се одвива во зимски услови - улиците и патиштата делумно проодни

„Интервенцијата започнал од вчера напладне и траеше до полноќ. Прво се распраскуваше течност против мрзнење, а потоа и сол, но поради ниските температури немаше голем ефект и снегот се натрупуваше. Утринава продолживме со чистењето и подобро се одвива работата, веќе има ефекти. Ги чистат улиците во градско подрачје. Немаме пријави за големи проблеми, освен во селата Кшање, Габреш и Кучкарево и веќе се пратени машини да го расчиста снегот, - изјави Момчило Јовановски од Општина Куманово.

Од Региoналниот центар за управување со кризи (РЦУК) велат дека немаат добиено ниту една пријава од граѓаните дека имаат проблеми со снегот. Од Македонија пат Куманово ги известиле дека патиштата што се во нивна надлежност се делумно проодни во зимски услови.

„Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на нашите дежурни екипи. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на целата територија на државата. Поради ниските температури наместа е можна појава на голомразица“, - информираат од Македонија пат.

На одредени патни правци кои поминуваат низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.

(С.Н.)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk