Состојбата со коронавирусот се влошува, се размислува за нови мерки за заштита, кажа Филипче

22.09.2020 17:04 | KumanovoNews

Главна причина за зголемување на бројката на заразени  од коронавирус се должи на непочитување на мерките и тоа пред се: на групирање, семејни собири и прослави, свадби кои се забранети и слични настани, но и генерално опуштање на граѓаните, рече министерот Венко Филипче на денешната прес конференција.

Состојбата со коронавирусот се влошува, се размислува за нови мерки за заштита, кажа Филипче

Заради тоа започнати се засилени контроли за спроведување на мерките и протоколите кои се веќе на сила.

- Апелирам состојбата да се разбере многу сериозно. Апсолутно е недозволиво, покрај сите најави за ризиците кои ги носи есента, сериозен дел од граѓаните и натаму да не ги почитуваат мерките. Недозволиво е сериозен дел и од бизнисите пред се во угостителскиот сектор да не ги почитуваат мерките. Во тек се анализи за воведување на нови мерки, за спречување на понатамошно ширење на вирусот. Тука сакам да посочам дека наша стратегија и цел е навремено да воведеме мерки кои директно ќе влијаат на сузбивање на ширењето на вирусот,- потенцираше Филипче и додаде дека целта е да се избегнат евентуални рестрикции на движење или мерки кои повторно ќе ја закочат економијата и целосно ќе не затворат во нашите домови, но доколку тоа биде нужно, тоа и ќе се направи.

Дел од мерките кои се разгледуваат се задолжително носење на маска и на отворено, ограничување на бројот на лица по маси во угостителските објекти, ограничување на бројот на лица за групирање воопшто, силна контрола и казни за семејни собери и прослави на затворено, прецизен протокол за работа на угостителските објекти на затворено (со мал број на гости и соодветна дистанца), намалување на капацитетот на јавниот превоз и сл.

Министерот Филипче рече дека иако во моментов вкупниот капацитет на болниците е во добра состојба, еден од најголемите ризици беше и останува притисокот врз здравствениот систем.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk