Состојбата со ковид-19 во Крива Паланка алармантна, се бара одговорност и совесност од граѓаните

25.11.2021 15:22 | Жаклина Цветковска

Состојбата со ковид-19 во Крива Паланка е алармантна, бројот на новозаболени е голем и секојдневно расте, заклучи Општинскиот кризен штаб на својот последен состанок.

Состојбата со ковид-19 во Крива Паланка алармантна, се бара одговорност и совесност од граѓаните

Моментално во оваа општина има 141 активен случај, а досега се регистрирани вкупно 1854 заболени и 98 смртни случаи. Последниот бран на ковид-19 најсилно ги погоди кривопаланчани. Речиси секојдневно се бележат двоцифрени бројки на новозаболени. Иако, последните неколку дена има минимално намалување на бројот на
новозаразени, сепак и понатаму речиси нема ден да нема смртен случај во оваа општина.

„Неодговорноста и несовесноста кај граѓаните не се менува. За да може Здравствениот дом во Крива Паланка да ги опслужи заболените со домашна терапија, се апелира на поголема одговорност, совесност и емпатија на сите граѓани“, апелира Кризниот штаб на Крива Паланка.

Оттаму бараат од Министерството за здравство да се доделат нов број на антигени тестови, бидејќи ресурсите кои ги има Здравствениот дом се исцрпени, односно се потрошени заради влошената моментална состојба во градот.

Исто така, Општинскиот кризен штаб бара од Министерството за здравство да дозволи преку ЈЗУ Центар за јавно здравје Куманово во Здравствениот дом Крива Паланка да се вршат испитување со ПРЦ тестови во Центар за јавно здравје ПО Крива Планка.

„Со тоа делумно ќе се олеснат проблемите и трошоците на граѓаните од Општина Крива Паланка“, стои во препораките на Кризниот штаб.

Договорено е и да се достави барање до Државниот пазарен испекторат за позачестени контроли во објектите, а ЈП „Коминалец“ да продолжи интензивно да работи, согласно Акцискиот план за дезинфекција на јавни површини.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk