Советниците најзаинтересирани за инфраструктурните проблеми

22.10.2013 14:00 | KumanovoNews

 Членовите на опозицата на денешната седница на Советот на Општината Куманово,  најмногу прашуваа кога ќе се надминат горливите инфраструктурните проблеми на граѓаните во градските и приградските населби.

Советниците најзаинтересирани за инфраструктурните проблеми

Советниците се интересираа кога ќе бидат реконструирани улиците Чупино Брдо, Љубица Михајловиќ, Рајко Жинзифов, Стеван Филиповиќ, кога ќе биде изградена водоводна и канализациона мрежа во селото Провце, Тромеѓа, населбите Иго Тричковиќ и Гладно поле. Дали локалната самопуправа планира да издвои сретства за изградба на локалниот пат Сушево-Сопот, чистење на речното корито, изградба на тротоари...

Градоначалникот на сите овие прашања даде идентичен одговор.

Сите овие проекти се влезени во развојната и годишната програма на Советот на општината Куманово и според предвидената динамика повеќето од нив досега требаше да бидат реализирани. Но, како што ви е познато општинската каса е блокирана скоро 10 месеци и ние немаме пари да градиме и инвестираме. Повеќето од проектите ќе бидат префрлени за наредната година, а она што е приоритетно ќе го решаваме до крајот на годината, доколку ни дозволат приликите.-одговори градоначалникот Зоран Дамјановски.  

Сметката на општината Куманово е блокирана од почетокот на годината за долг од 200 милиони денари или 3 милиони евра, по судска правосилна одлука за експропријација на земјиште од пред 40 години и за кредит од проектот на програмата МЕАП во 2001 година што требало да го отплаќа државата, а сега долгот е префрлен на локалната самоуправа.

И покрај парализираната работа на Општината, градоначалникот се пофали дека во тек е реализација на 15 проекти.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk