Советниците од власта гласаа против да се стави точка на дневен ред за парична помош на првачињата

22.10.2022 10:01 | Сузана Николиќ

Мнозинството на Советот на Општина Куманово, вчера не даде поддршка на предлогот на советникот Дејан Ивановски од СДСМ, на дневен ред да се најде точка за исплата на парична помош од 3000 денари на секое семејство кое има прваче.

Советниците од власта гласаа против да се стави точка на дневен ред за парична помош на првачињата

Образложението на претседателката на Советот и дел од советниците беше дека предлогот е задоцнет и требало прво да се поднесе во писмена форма како амандман кој ќе го разгледаат службите и комисијата, а потоа да се најде на дневен ред. 

„Колеги не може амандаман што не сте го поднеле на време, два дена пред седницата, со исклучок може да се поднесе и на самата седница пред отпочнување на расправата, да го наметнувате сега како точка на дневен ред. Побарајте пауза, изгответе го предлог-амандманот на ребалансот на буџетот на соодветната програма од каде планирате да ги црпите средствата и ќе се изјасниме и дебатираме по него. Идејата е за поздрав, само запазете ја процедурата“, кажа советничката Елена Доцевска - Божиновска од ВМРО-ДПМНЕ.

Советникот Благојче Јаќимовиќ од НСДП рече дека тие се подготвени да изготват амандман доколку точката се најде на дневен ред, и побара од советниците да ја поддржат идејата бидејќи е во интерес на граѓаните.

„Доколку имате воља да ја поддржите точката не мора амандмански да се интервенира, градоначалникот како предлагач на ребалансот на буџетот има право да го прифати предлогот. Ребалансот е стокмен, но ние имаме предлог од каде да се префрлат парите и ќе го образложиме тоа. Прашање е само дали постои добра воља од вас како мнозинство да прифатите точката да се најде на дневен ред. Битно е да се отвори расправа и да ги кажеме нашите аргументи“, кажа Јаќимовиќ.

При електорнското гласање 11 советници гласаа за предлогот, а 12 против. Во поединечното изјаснување 10 советника од опозицијата беа за, но советниците од власта ги надгласаа и со 16 против точката не се најде на дневен ред.

 Советникот Ивановски при поднесување на предлогот кажа дека донесувањето на одлуката за исплата на парична помош од 3000 денари на секое прваче на територија на Општина Куманово има за цел да им помогнеме на семејставата во оваа тешка економска криза. Тој побара точка да биде ставена пред ребалансот на буџетот.

Еднократна парична помош на првачињата доделија повеќе општини во државата, меѓу кои Битола, Крива Паланка и др. 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk