Советот го изгласа Буџетот за 2018 година

29.12.2017 10:00 | KumanovoNews

Со 20 гласа „за„ и еден воздржан, Советот на Општина Куманово го изгласа Буџетот за 2018 година, кој изнесува 32,2 милиони евра.

Советот го изгласа Буџетот за 2018 година

Од вкупните приходи кои се планирани за наредната година, во основниот буџет кој се полни од сопствени приходи: даноци, такси, продажба на земјиште, трансфери и дотации, предвидени се 14,4 милиони евра, приходите од самофинасирачки активности се во износ од 1.1 милион евра, приходите од дотации  14,8 милиони евра и приходите од донации во висина од 340 илјади евра.

Ирена Илиевска, раководител на секторот за финасии смета дека Буџетот е развоен, бидејќи ги опфаќа сите програми што се донесени од страна на општината и од јавните претпријатија.

„Развојната компонента е со 250 милиони денари (4,1 милони евра), тоа е согласно развојната програма. Тука е вклучено уредување на градежно земјиште каде што се вклучени сите трошоци и капитални инвестиции за функционирање на јавните претпријатија. Инаку главен акцент е даден на капитални расходи за изградба на улици, водоводна мрежа, фекална канализација, реконструкција на пазарот, изградба на катни гаражи, спортски терени, спортски сали, детски градинки и други капитални објекти“ , - изјави Илиевска.

Опозицијата не присуствуваше на гласањето, бидејќи ја бојкотира работата на Советот поради апсењата по нападот во Собранието на 27 април.

Донесувањето на Буџетот помина без расправа во Советот.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk