Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Дезинформацијата што во изминатите денови беше пласирана во градот дека за велигденските празници ќе биде поставена бомба или нападната црквата „Св. Никола“ ги испразни црквите во градот за Велигден.
Вознемирени и исплашени од можните последици, граѓаните, особено верниците од православна вероисповест, наместо на божествени литургии останаа дома. Посебно беше забележително отсуството на младите во петок на полноќ на традиционалното кружење околу црквата кога се соопштува веста за Христосовото воскресение.
Од кумановско-осоговската епархија велат дека ова не првпат да се пласира таква информација за да се наштети на црквата.
„И пред 10 години, но и речиси секоја година се појавува некоја информација, која треба да ги одврати луѓето од црква. Дали е човечка или демонска творба не знаеме. Како и тогаш пред 10 години така и сега ништо не се случи. Ако некогаш поради некаква обука не сме доаѓале во храмови, сега ѓаволот си избра начин, преку страв тоа да го направи. Штетата ја имаме ние како луѓе, затоа што црквата не се зградите и инстутициите. Духовната штета е во тоа што на верниците им е скратена духовната радоста за победата на Исус над смртта“, - вели отец Игор Здравсковски, портпаролот на кумановско-осоговската епархија.
Во петокот на полноќ, отец Здравковски служел во црквата во населбата Долно Којнаре, каде имало многу народ, но колегите му пренеле дека изостанала големата посетеност и реки од народ во најстарата црква во градот.
„ Во Којнаре не можевме да ги завртиме трите круга, едвај се движевме, толку народ имаше на патеката. Во црквата „Св. Никола“, како што ми кажаа, внатре како и вообичаено било полно со верници и причасници. Можеби е добро што ваква дезинформација се прошири, самите да видиме поради што доаѓаме во црквата. Ако доаѓаме да го објавиме и да го доживееме воскреснувањето на Христа, тогаш секако ќе дојдеме, но ако доаѓаме поради тоа што со три круга ќе замислиме 3 желби или доаѓаме попат од чаршијата, најадени и напиени, на три круга за здравје и уште којзнае какви причини, тогаш секако ќе направиме метематика, дали да загинам или желби да замислувам, - додава Здравковски.
Тој објаснува дека, по проширувањето на лажната информација не им било се едно ни на свешетниците, бидејќи во црквата дошле полициски службеници кои им посочиле да бидат внимателни.
„Дојдоа и ни дадоа насоки доколку забележиме нешто чудно веднаш да пријавиме. Тоа ни беше доволно да видиме дека полицијата се грижи. Не забележавме ништо чудно да се случува, освен што луѓето кои доаѓаа ни кажуваа дека по градот се зборува дека ќе има напад на црквата“, - вели отецот.
Од Кумановската полиција велат дека кај нив немало директна пријава за подметната бомба или за напад на некоја институција, туку само јавување од граѓанин дека слушнал јавно поговарање, односно се зборува по градот дека ќе има напад на црква за Велигденските празници.
„Поради тоа преземени се сите безбедносни мерки од полицијата, пред се зајакната е полициската контрола околу верските објеки за да не дојде до нескани настани“, - велат од СВР Куманово.
Информацијата за напад на црквата се прошири во четврток, прво меѓу граѓаните а потоа и на социјалните мрежи. Тоа предизвика страв и несигурност кај граѓаните, поради што многумина наместо во божјите храмови останаа во кругот на семејството.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk