Средношколец заразен со голема кашлица, вкупно 24 заболени во Куманово

05.04.2024 14:58 | Оливера Пешевска

Шеснаесетгодишен средношколец од Куманово е најновиот лабораториски потврден случај на голема кашлица во Куманово.

Средношколец заразен со голема кашлица,  вкупно 24 заболени во Куманово

Со тоа на територија на град Куманово има 24 заболени, а во Североисточниот регион 28, откако неделава се појави нов случај во Кратово.

„Момчето го пријави неговиот матичен лекар. Епидемилошката анкета покажа дека е целосно вакциниран, не е поврзан со ниту еден до сега детектиран случај. Ставен е на домашно лекување, во изолација и со пропишана терапија од лекарите. Секако дека се врши засилен надзор над неговата здравствена состојба“, изјави епидемилогот д-р Едита Рамизи од Центарот за јавно здравје Куманово.

Возраста на заболените од голема кашлица во Североисточниот регион се движи од 4 -месечно доенче до возрасен човек од 60 години. Пет случаи се хоспитализирани, сите на детска возраст. Вакциналниот статус на заболените е различен- од целосно вакцинирани, до невакцинирани лица. Според епидемилошките анкети постојат поврзани случаи на по 2 лица од две различни семејства, меѓусебно неповрзани, кај останатите не е констатиран контакт.

Во Куманово има 24 заболени, во Кратово 2, а во Липково и Крива Паланка по еден пациент.

Во почетокот на неделата беше прогласена епидемија на пертусис на територијата на град Куманово.  

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk