Српската амбасадорка го посети Куманово

17.11.2015 13:28 | KumanovoNews

Српската амбасадорка во Македонија, Душанка Дивјак Томиќ денеска ја посети општина Куманово.

Српската амбасадорка го посети Куманово

Со градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски разговарале за актуелни теми и за бегалската криза од која и двете земји се засегнати. Акцентот бил ставен на најавите на европските земји за затварање на границите и последиците кои од сето ова би ги трпеле Македонија и Србија.

Зборувавме за она што е предизвик за двете општини. Најсеверната точка Куманово и најјужната точка Прешево, местата каде се врши таа размена. Сега сме исправени пред големи предизвици, токму затоа и овој долг разговор траеше во насока на тоа што би се случувало понатаму, какви се можни импликации, и да бидеме понатаму во една подготвена состојба  бидејќи времињата се неочекувани и се можни разни варијанти и сценарија кои можат да се случат. Добив корисни информации од искусниот дипломат кој е на картата на дипломатијата подолго - изјави градоначалникот.

Амбасадорката кажа дека двете земји имаат заеднички интереси и проблеми. Таа вели дека ова е сериозен момент за двете држави кои се погодени од мигрантската и бегалската криза.

Голем проблем е што некои држави, Австрија и Словенија по некои информации најавија затварање на граници, по некои информации само  подобра координација на граница. Ќе видиме што тоа конкретно за нас значи. Во секој случај сите мали или поголеми блокади на границата со ЕУ кон кои бегалците тежнеат да одат и кои им се крајна цел, не е ни Македонија, ни Србија, туку Германија, Австрија и некои северни држави. Ние сме должни да им пружиме помош, да ги регистрираме, да им помогнеме. Се приближува зима и треба да им обезбедиме услови за подолг престој - рече Дивјак Томиќ.

Таа вели дека клучна одлука ќе се носи во петок, кога министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ ќе заседаваат на бегалската криза и од нивните одлуки ќе зависи какви мерки ќе преземат Македонија и Србија.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk