Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Собранието денеска го усвои Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата.
Со тоа се создадоа услови стечајните работници да добиваат од државата месечен паричен надомест од 7.596 денари.
Претседателката на здружението на стечајни работници УНИТ од Куманово, Љиљана Георгиевска, најголемиот борец за оставување на правата на стечајците, вели дека конечно заврши нивната голгота.
„ Конечно успејавме. Голема благодарност до Владата и премиерот Зоран Заев. Благодарност и до пратениците, и до оние од ВМРО-ДПМНЕ кои денеска гласаа за законот. Со ова заврши нашата децениска голгота. Повеќе нема да одиме по улица и да молиме за парче леб, за лекови и сметки. Но, нашата борба нема да застане тука, ќе се бориме и оние стечајци кои сега не ги исполнуваат условите. Тие ќе бидат опфатени во втората фаза од законот така е договорено“, - изјави Георгиевска.
Со законот ќе бидат опфатени околу 3500 стечајци од целата држава. Само во Куманово се пријавиле 1200 луѓе, но колку ги исполнуваат условите ќе се знае по завршување на проверките.
Законот предвидува невработените лица да имаат најмалку 15 години стаж во претпријатија со доминантна сопственост на државата, а работниот однос да им престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 30 јуни годинава.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk