Стечајците од “Искра“ бараат ревизија на приватизацијата

10.12.2012 09:23 | KumanovoNews

 Поранешните вработени во “Искра“ бараат да им се исплатат 26 заостанати плати и отпремнини кои им ги должи фирмата, откако таа стана загубар, а тие останаа на улица.

Стечајците од “Искра“ бараат ревизија на приватизацијата

 Од вкупно 492 вработени, дел поседувале и акции, а сега велат дека се ограбени и од стечајната маса нема ништо да добијат. Се бунат затоа што се измируваат долговите кон поголемите доверители, а нив ги оставаат со празни раце.

- Жално е што стечајните постапки толку се одолговлекуваат. Тоа е политика на судовите да не се донесе конечно решение. Нашата стечајна управничка на “Искра“ вели дека целиот имот е продаден, а парите нигде ги нема. Баравме и од Собранието на доверители да ни даде целосен отчет од 11 декември 2005 година, кога сме испратени во Биро за вработување. Да ни даде целосно финансиско работење, каде се парите, влез и излез. Едноставно да го најде текот на парите. Дали се исплатени пари на некои доверители, дали легнале на сметки. Ќе мора да се најдат виновниците, бидејќи и во Парламент јавно се зборува дека стечајните постапки од 1990 година наваму имаат невиден криминал - вели Трајче Георгиевски, координатор на Координативно тело на стечајци.

Георгиевски вели дека барале помош од Владата, Собранието, но не веруваат дека нивниот случај брзо ќе добие разврска, а дотогаш повеќето стечајци бараат каква било работа за да преживеат.


Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk