Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Стефан Мирчевски (16) беше најсреќен меѓу 70 момчиња што денеска скокаа по крстот во затворениот базен во Куманово.
Ова младо момче, кое тренира во пливачкиот клуб „Тумба“, вели дека оваа година првпат скока за Водици и му се посреќило прв да стигне на целта и да го фати крстот.
„Посакувам здравје, среќа и љубов на сите луѓе. На прво место здравје, па потоа се друго. Многу сум задоволен бидејќи не очекував дека јас ќе го фатам крстот„, - изјави Мирчевски.
Градоначалникот Зоран Дамјановски на среќното момче му врачи телевизор.
„Се одлучивме овде да се организира фрлањето на крстот, бидејќи поради временските услови другите базени не се погодни да оваа манифестацијата. Ние ќе продолжиме да ја подржуваме ова традиција независно која ја организира,- изјави Дамјановски.
Манифестацијата ја организираат три пливачки клуба „Тумба„, „Делфин„ и „Аква„ во градот, со подршка на општина Куманово и Кумановско-осоговската епархија.
„Многу ми е драго што оваа манифестација се одржа во толку голем број, бидејќи секој крстен христијанин го носи Христа во себе. Мислам дека е време ние христијаните да се гледаме како браќа и сестри по вера и на тој начин да почнеме да функционираме, бидејќи очигледно дека нешто што е надворешно не не сложува туку само не разделува. Во традицијата останало кршевањето во огромни води и оваа радост на православните христијани“, - изјави свештеникот Игор Здравковски.
Осветувањето на водите и фрлањето на крстот за Водици во затворениот базен се организираше за првпат годинава и помина со одредени пропусти, бидејќи крстот не го фрлаше свешетено лице, туку беше поставен на средината на базенот. Уште не беше започната манифестацијата и не беше осветена водата кога учесниците првпат скокнаа во водата. Тогаш крстот го фати Иван Антевски, но скокањето беше поништено.
Додека уште траеше литургијата, една група момчиња повторно скокнаа во водата и допливаа до крстот, па беа вратени назад. На третото скокање, кое не беше истовремено, најбрз беше Стефан Мирчевски. Пропустите предизвикаа негодување кај верниците кои ги преполнија трибините на базенот. Затоа организаторите за догодина треба да се држат до традицијата, крстот да се фрла во водата за да нема сомневања и разочарувања.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk