Штефица Ујчиќ од Куманово меѓу добитниците на признанието просветен работник на годината

15.10.2020 12:40 | KumanovoNews

 Признанието просветен работник на годината за учебната 2019/2020 година го добија професорите: Штефица Ујчик од гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово, Добри Јовевски од Крива Паланка, Марјан Радески од Охрид и педагогот Маринела Бошева од Скопје.

Штефица Ујчиќ од Куманово меѓу добитниците на признанието просветен работник на годината

Министерката за образование и наука Мила Царовска, честитајќи им на наставниците кои со својот труд,  креативност, иновативност и посветеност кон децата вклучени во училишно и предучилишно образование оставиле посебен белег, им посака и понатаму да останат високо мотивирани за работа и креативни.

„Ви посакувам да бидете инспирација на уште многу генерации на млади и пример за колегите. Лично сум уверена дека имаме многу вакви наставници во државата. Со многу од нив и лично се сретнав и видов кај нив желба да придонесат кон градењето на квалитетен образовен систем и кон создавањето на генерации кои ќе гарантираат добра иднина за нашата држава. “, рече Царовска на денешното доделување на признанијата.

Лидија Николовска-Георгиевска, претседателка на Сојузот на просветни работници истакна дека оваа награда се доделува традиционално секоја година, а ја добиваат наставници и други просветни работници кои имаат значаен придонес во образованието и воспитувањето на децата.

„Изборот на добитниците го прави Сојузот. Всушност самите просветни работници одлучуваат кому ќе го доделат признанието“, рече Николовска- Георгиевска.

На средбата беше истакнато дека секое решение во образованието се креира преку инклузивен пристап, со учество на сите засегнати страни, вклучително и наставниците. Министерството за образование и наука со поддршка на просветните работници ќе продолжи и во периодот пред нас, затоа што од личната мотивираност и желба за работа на секој наставник најмногу зависи какви генерации ќе создадеме.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk