Штрајкуваат ѓубраџиите, сметката на „Чистота“ сеуште блокирана

03.04.2017 14:08 | KumanovoNews

 Штрајкуваат вработените во ЈП „Чистота и зеленило„ кои работат на изнесување на сметот.

Штрајкуваат ѓубраџиите, сметката на „Чистота“ сеуште блокирана

Камионите и работниците утринава останаа во кругот на претпријатието незадоволни поради тоа што им доцни платата. За проблемот не сакаа да зборуваат јавно затоа што се плашат да не ја изгубат работата, но кажаа дека се револтирани поради тоа што не примиле плата за февруари и март, па затоа одлучиле да ја прекинат работата.

Рекоа дека спонтано се договориле за протестот и дека немаат претседател на штрајкувачки одбор, ниту пак го пријавиле штрајкот во претпријатието. Се заканија дека ќе останат на барањата се додека не добијат плата.

Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“ Сашо Петрушевски вели дека го разбира револтот на вработените, но не може да им помогне, бидејќи сметката на претпријатието е блокирана повеќе од 20 дена од УЈП. Тврди дека секојдневно прават обиди со Управата да најдат решение на проблемот, но и покрај ветувањата работите стојат во место.

„Јас бев денеска во сите работни единици, разговаравме и мислам дека ќе надвладее разумот, иако знам дека луѓето имаат големи финансиски проблеми. Мислам дека ќе ги надминеме сите овие проблеми и ќе настојуваме да не застанеме со работа се додека можеме. Ако до петок не се разреши целата ситуација, затоа што ни криви ни должни ги трпиме последиците ќе престанеме да ги даваме услугите кон граѓаните, односно нема да го собираме сметот, нема да се вршат закопи, нема да ги метеме улиците. Во понеделник јас како директор во соработка со синдикатот ќе направиме план и со сите 300 вработени ќе излеземе на протест, а ќе ја бараме правдата и на суд„- изјави Петрушевски.

Тој додава дека граѓаните на Куманово и вработените го виделе еднаш ова сценарио и затоа не би сакале да се повтори, иако некој го посакува. 

 Од Управата за јавни приходи денеска испратиле писма до сите фирми, кои се должници на ЈП „Чистота и зеленило“, се пред се општината, јавните претпријатија, основните и средни училишта да го исплатат долгот или во спротивно и тие ќе бидат блокирани.

Петрушевски тврди дека долгот кон УЈП е фиктивен а не реален, бидејќи во 2010 година е направен договор за репрограмирање на долг од 49 милиони денари и можност за отплата на рати за период од 10 години. Во меѓувреме, по завршена судска постапка долгот е намален на 21 милион денари, но додадена е огромна камата во висина од 36 милиони денари, а раскинат е договорот за плаќање на рати. Сега се бара наплата на целиот долг  без можност да се остават минимум средства за работа на претпријатието.

  Според  Петрушевски, во целата постапка има многу нелогичности и прекршување на законот, но никој од УЈП не сака да ја признае грешката и да преземе одговорност, поради што тие ќе бараат ревизија на случајот и правдата ќе ја бараат на суд.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk