Судскиот совет ја испитува состојбата во Кумановскиот суд по пријавата на вработените за мобинг

23.09.2026 18:10 | Сузана Николиќ

Судскиот совет на денешната седница расправал за состојбите во Основниот суд Куманово, откако вчера Синдикатот на УПОЗ јавно реагираше за навредите и несоодветен однос кон вработените од страна на претседателката на судот.

 

Судскиот совет ја испитува состојбата во Кумановскиот суд по пријавата на вработените за мобинг

Членот на Судскиот совет Ивица Николовски, кој е координатор за Основниот суд Куманово, тврди дека Советот подолг период ги следи случувањата во судот и дека прашањето не е ново за институцијата.

Тој посочи дека веќе се формирани две комисии кои работат на утврдување на фактичката состојба, а во меѓувреме до Советот пристигнуваат и дополнителни информации и дописи од засегнатите страни.

„Во насока на испитување на случувањата во Куманово и изнаоѓање решение што ќе доведе до позитивен исход за сите, закажана е средба по барање на претседателот на Судскиот совет и претседателот на Основниот суд Куманово. Извештаите се при крај и очекувам во една од наредните седници да бидат ставени на дневен ред“, информираше Николовски.

Претседателот на синдикатот, Трпе Деаноски, вчера побара оставка од претседателката на судот поради, мобинг врз вработените.

Од вкупно 90 вработени во судската администрација, 75 ја потпишале претставката против претседателката. Тие вчера, за време на паузата, излегоа пред судот за да го изразат своето незадоволство од атмосферата и условите во кои работат.

Деаноски вели дека вработените неколкупати досега се обратиле до Судскиот совет и Министерството за правда, но оттаму немало реакција.

Претседателката на судот, Снежана Манев, ги отфрли обвинувањата и вели дека организатори на протестот се тројца вработени кои биле казнети за несовесно извршување на работните задачи.

Таа дополнително наведе дека поради континуираното намалување на бројот на вработените се врши реорганизација на постојниот кадар и поголемо ангажирање на вработените. Според Манев, дел од вработените, поддржани од судскиот администратор, ги одбивале дадените задачи.

Во нејзината реакција, исто така, се наведува дека имало непланско користење на годишните одмори, продолжени боледувања и неоправдани отсуства, за што, како што тврди, имало поплаки од странките. Манев наведува дека кога било побарано да се надминат овие проблеми, не било преземено ништо.

 

Advertisement

2008 - 2026 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk