Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Судскиот совет ја отфрли како неоснована претставката на пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО- ДПМНЕ за нестручно и несовесно постапување на судијата Неџат Мемети од Основен суд Куманово.
Претставката е поднесена на 16 ноември минатата година, по донесената пресуда за навреда и клевета кон неговиот колега во Собранието на РСМ Мартин Костовски од СДСМ.
Ова е прва пресуда за јавно искажан став од собраниска говорница. Петрушевски смета дека токму поради тоа што сопствениот став го има кажано во својство на пратеник и ужива пратенички имунитет, не треба да биде повикан на одговорност.
Лорета Георгиева, член на Судскиот совет побарала изјава од судијата што постапувал по предметот, кој предметната одлука ја елаборирал со конкретни одредби и образложение.
„И во одлуката, и во изјавата, судијата Мемети смета дека собраниската говорница и имунитетот го штити пратеникот од кривична одговорност, но не и од граѓанска одговорност за навреда и клевета. Од истите причини смета дека не може да биде амнестиран било кој што изнесува лаги и невистини и прави штета на угледот на личноста и пошироко. Јас лично се согласувам со изјавата
на судијата и сметам дека никој не може да си допушти да изнесува невистини. Предлогот е неоснован“, појаснува Георгиева.
Другите членови на Судскиот совет претпоставуваат дека по овој предмет ќе има жалба, а пресудата на кумановскиот судија ја сметаат за правен став на Неџат Мемети.
„Мемети противуставно, противзаконски и во спротивност на пресудите што ги има како пракса и во Република Македонија и во Европскиот суд за човекови права, осуди пратеник за јавно искажан збор од собраниска говорница. Ако се дрзнал вака да осуди пратеник, може само да се замисли како суди на граѓаните “, истакна Бране Петрушевски по поднесувањето на претставката.
Петрушевски беше осуден да плати парична казна од 150 илјади денари, затоа што од собраниска говорница го навредил неговиот сограѓанин и политички опонент Костовски.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk