Свечено одбележан Денот на ослободувањето и 77 години слободно Куманово

11.11.2021 13:56 | KumanovoNews

Бројни делегации од општина Куманово, Организацијата на борци и поддржувачи на НОБ, претставници на амбасади и здратимени градови, положија венци и свежо цвеќе на Спомен костурницата во чест на Денот на ослободувањето „11-ти Ноември“ и 77 години слободно и независно Куманово.

Свечено одбележан Денот на ослободувањето и 77 години слободно Куманово

 „Ова е  денот кој претставува симбол на слободата, на победата, на вредностите кои треба да ги негуваме за сите нас, за нашите деца и идните поколенија. 77 години потоа, Куманово расте и се развива во модерен и европски град, град на различности и соживот. Град на сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска, политичка или каква било друга припадност“, истакна градоначалникот Максим Димитриевски, по повд денешниот празник на Куманово. 

„Наша обврска е да продолжиме заеднички по овој вистински пат. Да се гордееме и да ја славиме македонската историја, затоа што отсекогаш македонскиот народ бил на вистинска страна, на страна на антифашизмот, на прогресот, на мирот, на страна на граѓаните“, подвлче Димитриевски.

Сеќавања за судбоносните мигови и првите повоени денови од формирањето на новата власт во слободно Куманово и Македонија, евоцираше полковникот во пензија Томислав Стојковски.

„Овде на Спомен костурницата традиционално и оваа година ќе им оддадеме почит на броците од Кумановскиот регион и нека им е вечна слава!“, рече во својот говор Стојковски.

По повод денешната свеченост беше одржана и културно-уметничка програма.
    

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk