Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановските православни семејства најчесто го слават празникот Свети Никола. Поради тоа Свети Никола се смета за заштитник на градот, а неговото име го носи и најстариот соборен храм во градот.
Во црквата Свети Никола утрово се одржа литургија со која чиноначалствуваше владиката Јосиф, заедно со други свештеници и монаси. Свети Никола е заштитник на морепловците и воопшто на сите христијански верници.
“ Свети Никола е најпразнувана слава од кумановци. Нашиот православен Дедо Мраз е Свети Никола, кој што постојано давал подароци. Тој бил многу милостив и на сите им помагал. Верата без разлика во кое време и да се живее, треба да ни донесе спасение и ние и денес треба да го следиме примерот на Свети Никола. Треба секогаш да бидеме свесни дека се почнува од литургијата, потоа дојдоа и свеќите, и колачите и ручеците. Прво духовното да го подмириме, па потоа материјалното, да не ги извртуваме работите од нивниот природен тек“- изјави Игор Здравковски, лице за односи со јавност во Кумановско - осоговска епархија.
Свети Никола е роден е во Патара, Ликија, Мала Азија околу 270 година. По смртта на своите родители, го продал целиот свој наследен имот и парите ги поделил на сиромашните. Уште додека бил жив, луѓето го сметале за светител и го повикувале на помош за болните, несреќните и немоќните.Во својата старост се разболел и починал на 6 декември 343 година.
Свети Никола е посна слава, бидејќи се паѓа во време на божиќните пости.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk