Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Театарската група „Теактер студио“ подготвува нова претстaва, микс од два текста „Роденден“ и „Ајде уште по една“ на големиот англиски писател Харлд Пинтер, во режија на актерот Горан Илиќ.
Во претставата „Ајде уште по една ... за роденденот“ играат четворица кумановци- студенти на Факултетот за визуелна уметности „ЕСРА“ Скопје, Матеј Стојковски, Никица Јанковски, Давид Илиќ и Мишо Димитривски.
„Мене ми е големо задоволство да работам со младите, бидејќи со тоа им отварам нови хоризонти. Тоа ми беше дополнителен мотив да ги соберам овие деца додека сме на одмор. Не може се да се научи на училиште, нешто мора да се види и низ пракса, а најдобро е кога тие тоа го осознаваат и сами ќе носат заклучоци преку практицирање на театарот во простор. Се надевам дека по оваа претстава режисерите ќе ги имаат во предвид, ќе знаат кои се, а воедно сакам и кумановската публика да ги запознае и да види дека се работи за млади луѓе, кои сериозно си ја сфатиле работата“,- изјави Илиќ.
Младите актери велат дека соработката со Горан Илиќ ќе им донесе непроценливо професионално и животно искуство.
„Голема чест ми е што ме покани Горан Илиќ да работам со него, затоа што тој еден од последните актери од старата школа на глумата. Во последно време театарот во Македонија пропаѓа, но со помош на поискусните актери ние новата школа сакаме да направиме културна револуција во Куманово, не само во театар, туку и во музика, уметността“, - изјави Мишо Димитриевски, кој е трета година во класата на Рубенс Муратовски.
„Најпрво да се заблагодарам на Горан Илиќ што не покани во претставата. Ова за мене значи едно големо искуство. Тематиката, начинот на правење на претстава и знаењето кое ни го пренесува режисерот Горан, сето тоа ќе се спои и ќе произлезе еден убав производ“, - вели Матеј Стојковски, кој е на трета година во класата на Дејан Пројковски.
Студентите признаваат дека претстава е потешка од она што досега го работеле, бидејќи се работи за тежок трилер и тешка психолошка драма, која има многу силна порака.
„Се работи за една интересна и една поразлична претстава од она што досега било понудено. Една можност за сите млади, па зошто не и за постарите, да дојдат и да ја погледнат. Ова е претстава која го поставува прашањето дали ние сме слободни, дали размислуваме слободно, а дава одговор дека ние сме нечии марионети, командувани преку некој систем. Има некој кој ни го конзервира и ограничува умот“, - изјави Никица Јанковски, студент на втора година во класата на Дејан Пројковски.
Давид Илиќ, студент на трета година на одделот за драмски студии кај професорот Мето Јовановски, вели дека работата на оваа претстава му е предизвик и затоа што Пинтер не се работи на факултет.
„Пинтер е тетар на апсурд, политички театар, затоа што се занимава со мрачната страна на општеството, со работите што не смееме да ги кажеме, што не сакаме да си ги признаеме. Секој ден ги гледаме тие луѓе, околу нив сме и постојано молчиме. Ние како актери, кои преку уметноста треба да покажеме што му смета на целото општество и како би можело тоа да се поправи“,- објаснува Илиќ.
На младите глумци им смета што уметноста во Куманово е падната на најниско можно ниво, па тие со својата работа сакаат да помогнат работите да се придвижат на подобро. Сакаат да го видат Куманово како што некогаш било, со многу културни настани, изложби, свирки на плоштадот, кога имало 12 театарски претстави годишно, а не како сега само две.
Во дел од претставата „Ајде уште по една ... за роденденот“, покрај драмскиот дел ќе има и видео проекција која визуелно ќе ја оплемени претставата.
На претставата работат и Сашо Костовски, асистент на режија Кети Дончевска Илиќ и Александра Михајловска.
Претставата се подготвува додека трае колективниот одмор во Кумановскиот театар, а премиерата ќе биде најдоцна до 20 август.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk