Тенис ќе се игра и за време на празници, ќе се реновираат тениските игралишта на Градскиот кеј

19.02.2021 13:25 | KumanovoNews

Тениските терени „23-ти Октомври“ да работат за време на празниците и без ограничување на температурата, како и да се реконструираат игралиштата на Градскиот кеј, одлучија советниците на денешната седница.

Тенис ќе се игра и за време на празници, ќе се реновираат тениските игралишта на Градскиот кеј

 Ова уследи по забелешката на советникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Петковски, кој посочи дека одлуката за работа на терените содржи низа недостатоци на кои се почесто се жалат граѓаните, спортски клубови и здруженија на граѓани.   

„Во предлог програма има одредени нелогичности. Прво е дека на терените не може да се тренира само на температура под 20 степени. По овие критериуми кога е на 35 степени во август може да се тренира, а на 19 степени не може. Би му посочил на предлагачот да ја иземе оваа точка од предлог одлуката, бидејќи не е логична. Втора работа, терените не работат на државните празници. Сите рекреативци и луѓе кои се занимааваат со спорт во работните денови се зафатени. Ги чекаат празниците и деновите на викенд, за да го користат теренот“,  изјави Петковски.

Тој додаде дека покрај терените кај спортската сала, постојат слични и на Градскиот кеј, коишто не се во функција и се наоѓаат во катастрофална состојба.

„За тие терени никој не води грижа и се во фаза на распаѓање иако не се постари од десетина години. Општината не е толку богата за да овие терени ги остави да се уништуваат. Треба да се преземе нешто да се средат и да се пуштат во функција под исти услови како и оние кај спорската сала“, додаде Петковски    

Координаторот на СДСМ, Томица Илиќ, рече дека и тие ги увиделе недостатоците и ги поддржуваат предлозите, пред се за ограничувањето на температурата, како и за тоа да се реновираат и да се стават во функција терените на Градскиот кеј. Тој предложи да се изработи правилник за да се работи до 31 декември, а да се разгледа прашањето за работа на празници.

На оваа дискусија се приклучија и други советници, поради што беше дадена пауза и беа направени измени од страна на Секторот за спорт и култура, по што предлогот беше изгласан.

Раководителот на Секторот на култура и спорт Цоки Ристевски, објасни дека цените за изнајмување остануваат исти од претходната година, односно: од 8 до 11 часот цената по час ќе е 200 денари, од 11 до 16 часот ќе биде 100 денари, а во последниот термин од 16 до 22 часот ќе е повторно 200 денари, со простор за зголемување на 300 денари доколку се вклучуваат рефлектори по потреба.

Во однос на клубовите, тој ги објасни олеснувањата и условите кои се потребни.

„Тениските клубови кои имаат детска и младинска категорија, односно се натпреваруваат преку федерацијата и се члнеки на Сојузот на спортови во Куманово, ќе имаат 50 отсто помала цена за закуп,“ рече  Ристовски.

Во Куманово постојат три тениски клубови, кои работат со деца и млади, а бележат високи резултати во организираните настани од страна на федерацијата.

(Д.Д.)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk