Теодора Спасовска победник на првата Ораторска вечер во Куманово

21.05.2019 14:48 | KumanovoNews

Теодора Спасовска, ученичка во трета година во гимназијата „Гоце Делчев“, ја освои првата награда на првата Ораторска вечер што ја организираше Клубот на оратори на Правниот факултет од Скопје, а синоќа се одржа во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Теодора Спасовска победник на првата Ораторска вечер во Куманово

Теодора вели дека за неа било голем предизвик и храброст да застане на говорница, a откако се победила самата себеси пресреќна е што публиката ја сослушала, а жирито ја наградило за нејзината порака до младите и повозрасните.

„Поенатата на мојот говор беше како младата интелегенција овде не е доволно ценета, па тоа е една од причините што ја напушта мојата чудесна земја и се иселува некаде, каде што трудот е многу поценет отколку што е овде во моментот. Како млада индивидуа тоа го гледам на тој начин и сметам дека и сите останати кои се мои врсници и малку поголеми сметаат на истото“, - вели Спасовска.

Таа започнала со пишување од минатата година, тоа и е пасија, но не е нешто со што би се занимавала професионално.

„Имам други зацртани цели, ова го сметам како моја уметничка страна со која се занимавам во слободно време и навистина ме исполнува“, - додава Спасовска.

Директорот на Центарот за култура Сашо Тодоровски, е пријатно изненаден од интересот на младите за учеството на првата Ораторска вечер во Куманово.  

„Имаше пријавено преку 50 учесници, меѓутоа комисијата направи избор од 12 кандидати и тие вчера се претставија пред кумановската публика, со одлични говори. Очекумане манифестацијата да стане традиција, да се одржува секоја година во мај месец“ ,- изјави Тодоровски.

 На Ораторската вечер учествуваа учениците од првите три години од средните училишта во градот.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk