Тешки камиони го оштетија патот во Режановце

04.09.2015 11:27 | KumanovoNews

Жителите на село Режановце денеска протестираа и не дозволија камионите кои работат на изградба на пругата кон Бугарија, да поминуваат низ нивното село бидејќи им го оштетуваат патот.

Тешки камиони го оштетија патот во Режановце

Велат дека патот кој е изграден со самопридонес е раскопан и испукан од движењето на камионите, а нарушена е стабилноста и на мовчето во селото каде поминуваат возила, но и мали деца. Бараат од Министерството за транспорт и врски, Македонски железници , како и фирмите “Вибе“ и подизведувачот „Анра“ да го решат проблемот и да ја санираат штетата која ја предизвикале.

Нешто ако си го срушил треба да го направиш, а не пруга правиме, а две растураме. Така излезе ова. Дали сме ние луѓе или не сме јас не знам веќе кај да се обратиме. Ова е едно предупредување, а последно ќе напишеме писмо до полиција, Министерство за транспорт и врски и железници да не го користат нашиот пат.  Нас никој не не поддржува, немаме поддршка ни од општина, ни од Влада - вели Зоран Крстевски, претседател на месна заедница Режановце.

И другите жители се револтирани, бидејќи не само патот, туку од движењето на камионите пукаат и фасадите на куќите во близина.

Мовчето во селото е пробиено, скршено, а патот е насочен на една страна само. Кривина е многу лоша и ќе дојде до некои несакани работи. Што е најважно ова е наш придонес, селски, а никој не ни помогнал и сега бараме да ни помогнат, но не сакаат - рече Томислав Илиевски, жител на селото.

Мештаните доколку не добијат одговор од надлежните, утре повторно ќе го блокираат патот и нема да дозволат камиони да поминуваат низ селото.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk