Тони Михајловски лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“

23.09.2026 11:33 | Жаклина Цветковска

Актерот Тони Михајловски е годинашен лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“, кој започнува во понеделник во Центарот за култура во Крива Паланка.

Тони Михајловски лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“

Во образложението за наградата се наведува дека Михајловски е едно од највпечатливите имиња на македонската театарска, филмска и телевизиска сцена.

„Повеќе од три децении творештво, бројни театарски улоги, незаборавни филмски остварувања и актерски признанија го испишуваат патот на уметник со исклучителна сценска енергија, силен темперамент и автентичен актерски печат. Од театарската сцена до филмското платно, Михајловски создава ликови што не исчезнуваат со спуштањето на завесата, туку остануваат во сеќавањето на публиката“, стои во соопштението.

Михајловски остварил улоги во филмовите „Џипси меџик“, „Буре барут“, „Збогум на 20-тиот век“, „Балканкан“, „Панкот не е мртов“, „Парада“, „Трето полувреме“ и „До балчак“.

Неговиот повеќедецениски придонес кон македонската театарска уметност е крунисан и со наградата за животно дело „Петре Прличко“.

Осумнаесеттото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ започнува во понеделник, а во рамките на фестивалот ќе бидат изведени девет театарски претстави.

 

Advertisement

2008 - 2026 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk