Траумите од семејното насилство и отсуството на институционална помош, причини за двојното убиство во Кратово, покажа психијатриското вештачење

09.04.2025 21:37 | Сузана Николиќ

Во Основниот суд Куманово денеска продолжи судењето на Вангелица Илиевска (36) од Кратово, обвинета за двојно убиство, со психијатриско вештачење и сведок на одбраната.

Траумите од семејното насилство и отсуството на институционална помош, причини за двојното убиство во Кратово, покажа психијатриското вештачење

Според обвинението, Илиевска на 13 јуни лани, во семејната куќа во Кратово при вршење семејно насилство со умисла ги убила нејзиниот сопруг Јован и свекорот Стојан.

Според вештото лице, обвинетата го извршила убиството во состојба на силна и интензивна раздразливост која била предизвикана по нападот од нејзиниот сопруг.

„Раздразливоста е посебна душевна состојба, силна афективна состојба без размислување и неопходна критичност. Во афект и страв за сопствениот живот се активираат одбранбените механизми за заштита. Во таквите состојби е ‘или јас или ти’“, кажа докторката.

Според стручното мислење изнесено на денешното рочиште, Вангелица со години била жртва на семејно насилство, а тоа го покажал извештајот од Центарот за социјална работа и пресудата од Кратовскиот суд во 2019 година, кога Јован бил осуден на условна казна за семејно насилство. Таа во бракот се чувствувала безвредно, беспомошно и безнадежно. Правела обиди нешто да поправи, го пријавувала насилството во институциите, дури побегнала и во Скопје кај родителите за да се спаси, но била уценете со децата.

„Траумите од насилството и стресот долго време ги држела под контрола. Но на денот на убиството тоа било капка во преполната чаша на континуирано психичко и физичко повредување кое завршило со екстремна состојба, која еруптирала со кривичното дело. Доколку овој настан би бил прв и единствен во бракот, можеби немало да предизвика таква состојба. Акумулацијата на стресот и физички повреди, како и неможноста на институциите да ѝ помогнат, економската зависност и немањето поддршка, се причина за сето она што ѝ се случувало“, рече вештото лице.

На рочиштето сведочеше и тетката на Вангелица, која ја опиша како мирна, тивка, современа млада жена, која имала позитивен дух. Се сменила кога се омажила за Јован. Додека живеле во домот на нејзините родители во Бутел, станала повлечена, тажна, а често имала модринки и гребнатини по лицето и телото. Ја наговарале да го остави, но тој ѝ се заканувал со децата, а потоа се преселиле во Кратово. Таму продолжило малтретирањето врз младата жена кое завршило со двојно убиство.

„Нападот се случил во момент, не е планиран, туку во самоодбрана. Двете убиства се извршени во многу краток период, во афективна состојба. Во случајот со свекорот и да има некое благо пречекорување на нужната одбрана, тоа оди во корист на одбраната, бидејќи е во корелација со претходниот противправен напад. Тој да не се качел на катот, да не упател заканувачки зборови и да не тргнал во физички пресметка, вториот напад не би се случил“, кажа адвокатот на одбраната Христијан Георгиевски.

Критичната вечер околу 21.30 часот, Вангелица била во дневната соба кога дошол нејзиниот сопруг Јован и започнале вербална расправија, а потоа физички ја нападнал удирајќи ја со тупаници по главата и телото. Ја истуркал кон кујната и во моментот кога со рацета ја фатил за вратот, таа од куинските елементи зела нож, со кој му нанела два убода во пределот на градите и стомакот. Тогаш во собата влегол нејзиниот свекор и таа двапати го пробола во градите. Таа се товари дека извршила кривично дело двојно убиство со умисла.

Taa не го прифаќа обвинението за убиство со умисла, туку кажа дека дејствувала во самоодбрана.  Адвокат Георгиевски рече дека ќе докаже оти Илиевска делото го сторила во нужна одбрана, бидејќи повеќе од 10 години била жртва на семејно насилство, а теророт на физичко и психичко малтретирање од сите членови на семејството го трпела само поради децата. Тој наведе дека во целиот случај затаиле и институциите, бидејќи иако повеќепати барала помош од полицијата и Центарот за социјални работи, никој не ѝ помогнал.

Наредното рочиште е закажано на 22 мај.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk