Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Маската „Венецијанска кралица со дворјани„ на учениците од средните училишта во Куманово ја освои третата награда на карневалот во Струмица.
Маската се најде меѓу најдобрите по оценка на стручното жири во конкуренција на маски од 30 до 50 учесници. Принцеза со круна на главата, опкружена со 40 дворјани со големи капи, облечени во црни костуми со златни маски танцуваа на централното дефиле на најголемиот карневал во државата, на кој учествуваа 2000 маски од земјава и странство, и ги освоиа симпатиите на посетителите.
„Многу сум радосна поради тоа што освоивме трето место и што нашиот труд се исплатеше. Имавме малку трема пред да настапиме, но со подршка од публиката одлично се претставивме. За следната година ќе се потрудиме да освоиме повисоко место- изјави принцезата Мирјана Милановска, ученичка во втора година во гимназијата Гоце Делчев.
„Јас за првпат учествувам на карневалот во Струмица и искуството е прекрасно. Овде на пробиете и не бевме толку добри, тешко е да се ускладат 40 луѓе на ритамот на музиката, но настапот на плоштадот бевме одлични„ - вели дворјанинот Никола Тасевски, ученик во четврта година во гимназијата.
Во изработка на маската учествуваа учениците и професорите од средните училишта „Гоце Делчев“, „Наце Буѓони“, „Перо Наков„ и „Киро Бурназ„, а идејата била на самите ученици.
„Маската ја изработувавме околу еден месец. Конкуренцијата беше многу силна, но ние се доближивме до нивните критериуми и го освоивме третото место. Оваа награда е потик и веќе размислуваме за идната година да имаме подобра идеја и реализација“, - изјави професорката Марија Тодоровска.
Учениците за првпат добиваат некоја од наградите на фестивалот, а учествуваат десетина година наназад со подршка на секторите за образование и култура во Општина Куманово. По тој повод градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски денеска организираше прием за учениците и професорите за им ја честита наградата.
„Ние како град преку средните училишта неколку години наназад настапуваме на овој престижен карневал, бидејќи имаме извонредна соработка со градот Струмица. Мене многу ми е драго што учениците и нивните професори успејаа да се изборат за награда во толку силна конкуренција и што вложија труд и време да го претстват градот во најдобро светло. Ние ќе продолжиме да вложуваме во развој на културата преку вакви проекти и преку нашиот карневал, - изјави Дамјановски.
На маскенбалот во Куманово секоја година учествуваат гости со оригинални маски од Струмица.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk