Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Обука и вработување за услуги за грижа во домот и заедницата, практиканство и обука кај познат работодавач, се три активни мерки во Центарот за вработување во Куманово, за кои можат да аплицираат невработените лица и фирмите.
Обука и вработување на лица за обезбедување услуги на грижа во домот и заедницата е наменета за здруженија на граѓани и приватни установи за вон-семејна социјална заштита на стари лица, кои можат да започната или да ги прошират своите капацитети како даватели на социјални услуги- грижа и нега на стари и изнемоштени лица. Аплицирање за ова мерка трае до 3 мај.
„Ова мерка е доста барана, сите сме свесни за моментот на стареење на населението, и се повеќе ќе добива на значење во наредниот период. Доказ е Здружението „Прогрес“ од Општина Липково, каде минатата година на обука беа 15 лица од кои 10 се веќе вработени. Ги охрабрувам невработените да аплицираат за ова мерка поради бројните бенефиции кои ги добиваат“, истакна Марија Димитријевска, раководителка на Центар за вработување Куманово.
За субвенционирање на платите за вработените негуватели и асистенти се обезбедува бруто износ од 30.780 денари за период од 10 месеци, со обврска да се задржат на работа најмалку 13 месеци.
Втората активна мерка е практиканство и таа е отворена до 10 мај. Можат да се пријават младите невработени лица до 29 години, со минимум завршено средно образование. Обуката е во времетраење од 3 месеци, а невработените лица за тоа време добиваат 11 илјади денари бруто надоместок.
„Во изминатата 2023 година оваа мерка ја искористиле 106 лица кај 89 работодавачи. Искуството покажува дека по искористување на ова мерка практикантот се вработува во истата фирма, или пак за краток период, не подолг од 6 месеци се вработуваат на слична позиција во друга компанија“, појаснува Димитријевска.
На почетокот на месецот е објавен повикот и за мерката „Обука за познат работодавач“. Обуката на невработените лица ќе се спроведува во работните простории на работодавачите, а за времетраење на обуката на невработеното лице ќе му биде исплатен месечен паричен надомест од 11.000 денари, бруто износ. На работодавачот ќе му биде исплатен еднократен износ од 25 илјади денари по обучено лице по завршена обука. Работодавачот има обврска да вработи најмалку 50% од лицата вклучени во обуката со полно работно време во траење од најмалку 3 месеци.
Сите активни огласи се спроведуваат според предвидената годишна програма на АВРСМ.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk