Започнува шестиот Џез фестивал во Куманово, ќе трае три дена

13.09.2022 15:10 | KumanovoNews

Во Занаетчискиот дом во Куманово вечерва започнува 6-то издание на Кумановскиот џез фестивал. Оваа година фестивалот ќе трае три вечери, од 13 до 15 септември, а ќе учествуваат познати џез музичари. 

Започнува шестиот Џез фестивал во Куманово, ќе трае три дена

Првата вечер ќе настапат Георги Шарески со Марко Јовановиќ, а потоа следува Ајс квартетот. Утревечер свое претставување ќе имаат „Соул Фанкшн“ и Александра Коцевска Трио, а фестивалот ќе го затворат Сашо Поповски трио заедно со Кирил Кузманов и Марија Џез квартет. 

„Влезот е слободен за сите љубители на џез музиката. Сите вечери започнуваат во 20 часот. Инаку ова е 6-то издание на џез фестивалот во континуитет. И покрај ковид кризата успејавме да го одржиме фестивалот и во минатите две години. Досега настанот се одржуваше во просториите на Центарот за култура во две фестивалски вечери, а од оваа година за првпат ќе трае 3 дена“, изјави уметничкиот директор Филип Стевановски.

Фестивалот го организира Институтот за наука, уметност, култура и спорт (ИНУКС), а директор на фестивалот е Маријан Стевановски. 

Џез фестивалот „Куманово 2022“ се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура во областа на музиката и музичко – сценските дејности, Општина Куманово, Институтот ИНУКС и неколку приватни спонзори. Фондацијата за култура и спорт го отстапува својот простор за одржување на фестивалот, а помага и во техничко – сценскиот дел со своја опрема.

(О.П.)

            

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk