Тридневен саем на книги пред Градската библиотека во Куманово

20.06.2023 16:22 | Оливера Пешевска

Од денеска пред библиотеката „Тане Георгиевски“ во Куманово започна летен саем на книгата на издавачката куќа „Три“ од Скопје. Саемот нуди наслови по фестивалски цени, а ќе трае до четврток, 22 јуни во период од 10 до 19 часот.

Тридневен саем на книги пред Градската библиотека во Куманово

„На штандот  има над 100 наслови, меѓу кои и новитети што неодамна пристигнаа, како и популарни книги што сè уште го држат своето место на топ-листите. Меѓу нив се новите романи совршени за летување, како и за оние кои будно го следат најактуелното во областа на психологијата. Меѓу понудата се и боенки и сликовници за најмалите“, стои во излагањето на организаторите.

Повеќе граѓани денеска го посетуваа штандот, разгледувајќи ја понудата. Дел од нив од љубопитност, а дел и веќе подготвени и точно си го бараа насловот што ги интересира.

„Дојдов само да заменам книги во библиотеката, но еве ја разгледувам и понудата. Непланирано си ја купив „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, но многу ми е мерак што ќе ја имам во домашната библиотека. Иако веќе ја имам читано“, изјави Љиљана Арсовска, пензионерка.

 Пресек на она што најмногу се бара и продава се уште е рано да се направи, но посетеноста која полека се зголемува ветува успешни саемски денови.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk