Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од утринава започна да вее нов снег, кој ќе го прекрие ледот, па состојбата ќе биде уште полоша за движење, и не е исклучено бројот на повредени да биде поголем
Околу 500 граѓани побарале помош во Кумановската болница во последните 15 дена, поради повреди задобиени од пад на лизгавите тротоари и улици. Од нив стотина се здобиле со скршеници и завршиле со гипс или на операција.
„Дневно доаѓаат по 30-40 пациенти од кои 10 со скршеници од секаков вид, од прст до глава, а повеќе граѓани се здобијат со повреди и нагмеченици. Најчесто се скршеници на екстремитетите кои ги третираме болнички, а потешките случаи ги праќаме во Скопје. Работата во однос на крајот на минатата година ни е зголемена е за 30-40 отсто, а во последните три дена за 15 отсто, - информираат лекарите од хируршкото одделение.
Тротоарите на кумановските улици се вистински лизгалишта и граѓаните нема каде да се движат. Се жалат дека морат да одат на работа и да ги извршуваат секојдневните обврски, но немаат услови за тоа. Лути се на локалната власт и фирмите за зимско одржување на улиците што не си ја вршат работата како што треба.
„Срамота, падна 20 сантимерти снег и го парализира градот. Не почнаа да чистат навреме и снегот се натрпа и смрзна, сега нема начин да се исчисти додека самиот не се стопи, - вели еден граѓанин.
И сопствениците на дуќани и згради не се фатија за лопата да го исчистат снегот иако имаат законска обврска. Од инспекциското одделение велат дека поднеле повеќе опомени до нив, а доколку не ги почитуваат најавуваат и казни за несовесните.
„ Се обидов пред некој ден да го исчистам, но безуспешно, многу е мрзло. Полесно асфалтот ќе се извади отколку ледот. Најавуваат казни, а зошто не ја казнат општината што го остави градот во хаос, - вели еден бизнисмен.
Од завчера екипи на ЈП „Чистота и Зелнило„ започнаа поинтензивно чистење на јавните површини и градскиот плоштад.
И додека коловозите на главните улици во градот се расчистени и сообраќајот се одвива нормално, помалите улички и сокаци без исклучок се неисчистени. Иста е состојбата и во приградските населби. Од утринава започна да вее нов снег, кој ќе го прекрие ледот, па состојбата ќе биде уште полоша за движење и не исклучено бројот на повредени да биде поголем.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk