Убиецот на полицаецот непресметлив

13.09.2016 12:32 | KumanovoNews

Енвер Бајрамовски (33) од Куманово, кој е осомничен за убиството на полицаецот Горан Станишковски (36), е непресметлив, покажало вештачењето од Психијатриска болница – Скопје.

Убиецот на полицаецот непресметлив

Поради тоа ќе биде однесен на психијатриско лекување и чување во здравствена установа.

Во соопштението се наведува дека ОЈО Куманово го добило вештачењето за состојбата во која се наоѓал и се наоѓа осомничениот за убиството на полицискиот службеник, што по наредба на надлежен јавен обвинител ги подготви ЈЗУ Психијатриска болница Скопје.

Согледувајќи ги наодите и мислењето кои укажуваат на непресметливост на лицето, јавниот обвинител до Основниот суд – Куманово достави предлог за определување на мерка – Задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа, - соопштува ОЈО Куманово.

 Убиството се случи на 30 јули годинава, кога при интервенција на семејно насилство животот го загуби Станишковски. Бајрамовски нападна четворица полицајци кои дошле во неговиот дом, при што на едниот му нанел фатален убод со нож во пределот на грбот. Поради сериозноста на повредата полицаецот почина, а напаѓачот – лице кое претходно повеќе пати било хоспитализирано за психијатриско лекување, беше притворен.

Истрагата за овој кривично правен настан продолжува во насока на утврдување на евентуална одговорност на други лица.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk