Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Енвер Бајрамовски (33), осомничен за убиството на полицаецот Горан Станишевски (36), подолг период престојувал во психијатриската болница Бардовци во Скопје.
Последен пат бил пуштен дома на 25. јули годинава, на барање на неговиот татко.
Родителите на Енвер велат дека тој боледувал од шизофренија повеќе од 20 години. Често имал напади на агресивно однесување и кршел се околу себе.
„ Во петок го однесов во болницата во Бардовци, но докторката го врати рече дека е добар. Мене ќе ме тепаше уште таму во болница, но моравме да се вратиме дома. Беше малку добар и вчера доби напад. Ги утепа мајка му и девојчето. Ги удираше со боксеви по лицето и едвај ги спасивме. Ништо не знае кога ќе добие напад, разговара со мртви и само ни прети дека ќе не убие. Да го примеа во болница нема да се случеше оваа работа“, - раскажува таткото Муарем (72), кој боледува од дијабетес .
Кога пристигнале полицајците Муарем ги предупредил дека Енвер е агресивен, но никој не се надевал дека ќе ги нападне. Таткото кажува дека тој зел мал куински нож со пластични корици, кој стоел на шпоретот пред куќата и го повредил полицаецот, кој веќе тргнал кон излезот на дворот.
И соседите на семејството во Средорек велат дека Енвер бил насилен кога не примал терапија, затоа се плашеле и бегале од него.
Полицаецот Горан Станишевски со уште тројца свои колеги, синоќа заминал на асистенција на Брза помош, заради згрижување на лице со психички проблеми, кое извршило семејно насилство. Околу 22.30 часот лекарската екипа и 4 полицајци пристигнале во дворот на Бајрамовски. Кога ги видел насилникот се изнервирал и почнал да ги мава со стаклени предмети, но никого не повредил. Во тој момент Станишковски забележал дека држи нож во рацете и побарал да се повлечат. На излегување бил повреден. На колегите им кажал дека му тече крв на грбот и паднал покрај возилото. Лекарската екипа му пружила прва помош и со возило на Итна помош веднаш бил префрлен на хируршкото одделение каде започнала реанимација на градниот кош. Меѓутоа, по кратко време им подлегнал на повредите.
Кумановци се во шок од последната трагедија. Не можат да поверуваат дека е изгубен уште еден млад живот, а убиецот поради болеста нема да биде соодветно казнет. Затоа апелираат до надлежните институции да поведат поголема грижа за луѓето со психички проблеми и да ги сместат во соодветни институции, бидејќи сведоци сме дека некои од нив слободно шетаат по кумановските улици.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk