Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ученици од Гимназијата “Број 13“ од Санкт Петербург, Русија вчера пристигнаа во Куманово и една недела ќе бидат на размена во Гимназијата “Гоце Делчев“.
Четиринаесетчлената делегација ќе присуствува на часови и ќе посети повеќе знаменитости во Македонија. Целта на посетата е да се популаризира рускиот јазик кој во последно време е маргинализиран.
Планирано е да ги посетиме Охрид, Кокино, Куклица, манастирот во Крива Паланка, главниот град на нашата држава со сите знаменитости, Водно. Според договорот секоја година се остварува по една средба, еднаш е во Македонија, а еднаш во Русија. Ние очекуваме следната година во мај месец да заминеме во Санкт Петербург - рече Билјана Коцевска, професор по руски јазик во Гимназија „Гоце Делчев“.
Гостите на час по музика ја научија народната песна „Македонско девојче“. Воодушевени се од пречекот и велат дека многу им се допаѓа градот и гостопримливите луѓе овде.
Трет пат сум во Македонија. Пред шест години јас го потпишав договорот за соработка со “Гоце Делчев“. Впечатоците се пријатни, луѓето се многу гостопримливи. Овој проект ќе го продолжиме и во иднина и мислам дека од македонска страна има огромен интерес за изучување на рускиот јазик. Допатувавме со група ученици од завршните класови. Нив им е интересно да ја изучуваат културата, традицијата, историјата, уметноста на блискиот македонски народ - изјави Елена Васиљевна, директорка на Гимназијата „Број 13“.
Учениците велат дека стекнале нови пријателства, а некои од нив планираат во иднина приватно да ја посетат Македонија.
Градот е прекрасен, природата е воодушевувачка. Јас се надевам, веќе разговарав со моите родители за можноста приватно да ја посетиме Македонија - рече Ксенија Данилова, ученичка од Русија.
Соработката помеѓу двете збратимени училишта започна во 2009 година.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk