Ученици присуствуваа на работилница со Ксенија Маказлијева Трајчева

09.10.2015 09:05 | KumanovoNews

Ученици од основното училиште “Браќа Миладиновци“ денеска во детскиот оддел на Градската библиотека “Тане Георгиевски“,  присуствуваа на работилница со авторката за деца Ксенија Маказлијева Трајчева од Детска радост.

Ученици присуствуваа на работилница со Ксенија Маказлијева Трајчева

Авторката ја презентираше својата книга “Спирко немирно“ со раскази за деца, а целта на работилницата е да ги мотивира децата да читаат и пишуваат.

Тука сум да ги запознаам младите со ликот од мојата книга. Идејата е да се развива љубовта кон убавиот пишан збор од најмали нозе. Тоа да се направи на еден интерактивен начин како што се прави во детските списанија Росица, Другарче и Развигор. Ваквите средби се корисни затоа што децата лично се запознаваат со авторот - изјави Маказлијева Трајчева.

Нејзината книга обработува секојдневни настани и е наменета за деца од предшколска и школска возраст. Главниот лик е дете кое живее во урбана средина и има училишни обврски, поради што децата се идентификуваат со овој лик и добро го прифатија.

Директорката на библиотеката, Нада Ивановска им кажа на децата дека оваа работилница е по повод 70 години работа на установата.

Овој месец со многу пригодни активности, манифестации, настапи на писатели, промоции и други литературни средби го одбележуваме овој наш 7 децениски јубилеј. Со оваа денешна манифестација го започнуваме одбележувањето на јубилејот, а вие ја имате таа чест да бидете наши први гости  - кажа Ивановска.

Активности за одбележување на јубилејот ќе има се до крајот на октомври. Библиотеката „Тане Георгиевски“ почнала со работа во 1945 година со фонд од 1500 книги.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk