Учениците ги евакуиравме во најкраток рок и без паника, велат директорите на училиштата

15.12.2022 13:09 | Оливера Пешевска

Директорите и наставниците во училиштата во Куманово, во кои денеска беше пријавено дека се поставени бомби, кажуваат дека во најкраток можен рок и прибрано успеале да ги евакуираат учениците од училниците, без притоа да предизвикаат паника.

 Учениците ги евакуиравме во најкраток рок и без паника, велат директорите на училиштата

Тие веќе имале насоки како да постапат доколку дојде до ваква состојба, а се одржал и состанок со сите директори на основни и средни училишта со претставници од Отсекот за превенција, откако зачестија заканите во училиштата во државата. 

Заканувачките пораки во училиштата пристигнале утринава во 9.10 часот на електронската адреса, по што веднаш ја започнале постапката за напуштање на објектите.

„На 28 ноември ние имавме показна вежба за евакуација на учениците, со детален план, кој и вработените и децата го познаваат, па за 30 секунди завршивме со напуштањето на зградата на училиштето“, изјави Лидија Пешевска, директор на ООУ „Кочо Рацин“.

Во училиштата „11 Октомври“ и „Браќа Миладиновци“, исто така биле преземени сите мерки за што побрза евакуација, а на децата им било кажано дека денеска ќе имаат скратени часови и можат да си заминат дома. 
  
Наставниците по телефон ги повикале родителите од помалите одделенија, исти како и превозниците за да ги однесат децата дома. 

„Некој треба да одговара за ова. Сите претпоставуваме дека дојавите за бомби се лажни, но она „ама и што ако“ ја крева паниката“, вели еден родител кој беше пред училиштето „Кочо Рацин“.

Наставниците и професорите велат дека најважно е што се се завршило во најдобар можен ред, децата се безбедни, а тие чекаат насоки кога ќе продолжат со настава.
 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk