Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Средното техничко училиште “Наце Буѓони“ од Куманово постигна извонредни резултати на Државниот натпревар на учениците од средните училишта од машинска, електротехничка и сообраќајна струка од Република Македонија, кој викендов се одржа во Кочани.
На натпреварот учествувале 24 стручни училишта од машинска, електротехничка и сообраќајна струка од целата држава, а во силна конкуренција учениците од техничкото училиште освоиле 6 награди по две први и трети награди, една втора и една пофалница. Ги оценувале комисии составени од стручни лица и универзитетски професори.
Први места освоија: Никола Алексовски од машинска струка и Слободан Крстевски од електротехнчка струка, втор беше Милош Соколовски од електротехничка струка, трети Кристијан Арсовски од машинска струка и Дамјан Илиевски од електротехничка струка, додека Марио Јовановски доби пофалница за изработен труд од електротехничка струка.
Како и секоја година така и оваа го одбранивме нашиот квалитет и знаење и застанавме рамо до рамо меѓу најдобрите три технички училишта во државата. Овој натпревар е од најголемо значење за стручните училишта каде учениците го споредуваат своето знаење со знаењето на нивните врсници од други училишта, - велат од Техничкото училиште „Наце Буѓони“.
Државниот натпревар на учениците од средните училишта од машинска, електротехничка и сообраќајна струка, годинава се одржа по 36. пат.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk